top of page

Патот до обновен ум (3)

Исус е претставен како Божјиот Збор во тело. Исус нѝ вели: Што и да ви речам е дух и живот. Така што зборот претставен во тело премина во збор претворен во дух. Исус кога и да проговореше правеше повеќе од испраќање на идеи, концепти и принципи. Тој всушност зборуваше, и тие зборови станаа присутни и стварни. Важно е за нас да го сфатиме тоа, а во спротивно го намалуваме нашиот капацитет да учиме бидејќи кога и да зборува Бог или кога ние го кажуваме она што Тој го кажува тогаш зборовите преминуваат во стварност, а во таа стварност можноста односно способноста да бидеме и да правиме сѐ она што Тој рече. Стихот во Светото Писмо кој гласи дека ништо не е невозможно за Бог односно за оној кој верува всушност значи дека секој еден изговорен Божји Збор што доаѓа до тебе ќе ја содржи сопствената способност да создава, односно дека не постои Божји Збор кој доаѓа до тебе, а да нема моќ за креирање. Или попрецизно кажано, дека секој Божји Збор во себе има капацитет за да се реализира односно оствари сам по себе. Зборот е семе. Доколку тоа семе е поесеано во понизно срце, ќе роди плод.

Во Евангелие според Матеј пишува: Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и се ова ќе ви се придаде. Што значи треба да бидеме во Божјата атмосфера бидејќи таму има слобода. Таму каде што Духот Божји го демонстрира водството на Исус Христос, слободата е доказот. Доказот за живот во Царството Небесно е слободата. Слободата не е можност и способност да правам што сакам туку да го правам она што е исправно.

Најослободителното нешто во светот за секој од нас е да бидеме она за што сме создадени да бидеме. Кога ќе го откриеш она за што Бог те создал, тогаш не би сакал да бидеш некој друг. Ќе бидеш воодушевен од она што го прави Бог во другите луѓе, но не би сакал да бидаш она што се тие. Би сакал тие да бидат тие, а ти да бидеш ти.

Царството Небесно е во атмосферата на духот. Токму затоа изговарањето на она што го вели Небесниот Татко е значајно, бидејќи нашите зборови стануваат дух, а тој дух во себе ја содржи реалноста на царството небесно. Затоа и Исус вели: Покајте се зашто Царството Небесно е близу.


Светото Писмо е живо. Царството Небесно се правичноста, мирот и радоста. Онаму каде што има мачење и тортура одговорот е Божјиот мир, онаму каде што има болест одговорот на Бога е оздравување, радост. Онаму каде што има грев одговорот на Бога е неговата правичност да биде дел од човековата природа.

Прво осознаваме духовно, па потоа со нашиот интелект ја разбираме ситуацијата.

 

Исус Христос ја вложува цела своја енергија и време за да нѐ научи да мислиме како што Тој мисли. Кога ја прифаќаме грижата тогаш ние намерно се бориме против умот на Христос. Кога се занимаваме со мисли и идеи што се во конфликт со Бога тогаш всушност го храниме она што се бори против умот на Христос. Умот на Христос е комплетно различен односно умот на Христос не е само надежно соочување со проблемот бидејќи Тој живее со свесноста за расположливите ресурси што се поголеми од проблемот со кој се соочуваме. Што значи, постои свесност за да се живее во сфера на неограничени ресурси наспроти проблемот.

Исус дојде за да го открие и манифестира Божјото Царство. Зошто? Бидејќи уште од првиот ден ги назначи Адам и Ева за да доминираат и да ја управуваат Земјата. Желбата на Бог беше луѓето, направени по Неговата слика, по нивна слободна волја да управуваат со светот. Тие грешејќи го изгубија авторитетот да го прават тоа. Така што Исус стана човек за да го врати авторитетот назад, распнат и воскреснат од мртвите, за да се врати кај Неговите браќа и сестри т.е кај нас и да ни го предаде клучот на авторитетот, што значи повторно имаме авторитет да владееме, не како слуги туку како пријатели и деца на Семоќниот Господ Бог.

Верата гледа, верата престојува во место каде што нема нешто невозможно. Ова е значаен момент во откривањето на тоа како треба да мислиме. Но, сѐ започнува со нашето спасение цо зборот наречен покајание. Покајте се бидејќи Царството Небесно е близу. Покајанието не е вежба на интелигенција. Тоа е согледување на нашата состојба како погрешна, неоткриена, несвојствена за нашата природа, оживување на нашата мртва природа односно преку обновувањето на умот ја согледуваме нашата вистинска природа. Исус сака да нѐ пронајде и да нѐ разбуди за можноста да бидеме спасени, за да имаме променета перцепција за реалноста. Бевме духовно мртви, а сега сме живи. Бевме изгубени, а сега сме пронајдени. Тоа е инспирацијата за обновен ум. Тука започнува, тука е почетната точка. Не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познаете која е добрата, угодна и совршена волја Божја.

 

Трансформацијата на умот е всушност трансформацијата односно преобразувањето на Исус Христос на гората кога се молеше и видот на лицето Негово се измени, светна како сонце и облеката Му стана бела како светлина. И се чу глас од облакот, кој велеше: Овој е Мојот возљубен Син; Него послушајте Го! Обновениот ум во духовната сфера е тоа што е во природното. Умот на Христос е почетокот на трансформација односно обновување! Умот на Христос е почетната точка, стартот. Трансформираниот ум трансформира личност, трансформираната личност трансформира град. Надвор од умот на Христос нема трајно обновување.

Обновениот ум ја прави надежта возможна.

Која е Божјата волја? Да биде како во небото така и на Земјата. Како може да се постигне тоа? – преку обновен ум! Обновениот ум живее и функционира од друго место, и трансформацијата односно промената што сакаме да ја направиме во нашето семејство, соседството, нашиот град, држава прво, треба да се случи во нас. Исус им покажуваше на своите ученици како е да се доведе небесното на Земјата. Но и покрај тоа, тие немаа вера. Таков е примерот кога се случи хранењето на 5000 илјади луѓе со неколку лебови и риби. Следниот ден Исус ги остави тие да направат чудо, но нивниот ум сѐ уште не беше обновен, и Тој им рече: Зошто се грижите? Тој сакаше да им укаже, зошто вашата прва мисла да биде толку ниска односно исполнета со грижи, а не со вера, а нели верата е валута за размена во Царството Божјо!? Зошто да започнете да мислите на она што го немате и да ја градите вашата логика од тоа ниво. Тоа е несоодветна основа за мислење и функционирање и таа основа мора да биде отстранета. Колку повеќе сте сконцентрирани на она што го немате толку поголема ќе биде кулата на недостатокот, бидејќи кулата ја градите на темели од грижа и ум на недостаток. Што е потребно во овој случај? Да се сруши таа кула и да се изгради нова, со цврсти темели. Во Матеј 7 глава пишува:

”И така, секој, кој ги слуша овие Мои зборови и ги исполнува, ќе го споредам со благоразумен човек, кој ја изградил својата куќа на камен. И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, но таа не се разурна, зашто беше заснована на камен. И секој, кој ги слуша овие Мои зборови, а не ги исполнува, ќе биде спореден со безумен човек, кој ја изградил својата куќа на песок. И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, и таа падна, и нејзиното паѓање беше големо.”

Како да се изгради нова куќа со цврсти теми? Преку покајание! Покајанието е патот до осознавање, откривање. Покајанието навлегува длабоко во корените на мислата или мислите кои се емотивно врзани за начин на размислување, на разговорот со самите себе, кој е деструктивен. Исус сака да продре длабоко во тие корени, не преку казна туку преку избавување, лечење.

Во Царството Небесно слободата не е само слобода од нешто туку слобода на нешто, во нешто. На пример, затвореник може да биде ослободен од затвор, но од друга страна тој човек кога е во општеството во тој момент нема работа, нема егзистенција или пак нема дом. Така што, на некој начин тој е слободен, но не целосно. Во Царството Небесно не е така. Кога Господ нѐ ослободува од грешниот живот и служењето на самите себе, Тој всушност нас нѐ поврзува со способноста да ја посредуваме реалноста на Неговата волја овде на Земјата. Ние како битија сме по природа променливи, склони кон трансформација.

Исус вели: Вие сте солта на земјата, но ако солта стане блуткава, со што ќе се осоли? Веќе нема сила за ништо, освен да биде фрлена надвор и луѓето да ја изгазат.



Еве и друга парабола: Царството небесно прилега на квас, што го зема жена и го става во три мери брашно, дури не скисне сето. Ако вие сте квасот односно поединец со обновен ум зарем нема да влијаете во средината во која живеете за да се поткваси цело тесто односно да се променат луѓето околу вас т.е да го обноват умот! Вие сте мерка, дел од Царството Небесно и преку вас тоа царство е присутно и доминира онаму каде што сте вие. Како влијаеше и доминираше Исус Христос? Поучуваше, лечеше, избавуваше, правеше чуда. Исус Христос е огледало на Царството Небесно. Тој е патот, вистината и животот. Модерно и технолошки кажано Тој е шифрата за влез во Царството Небесно. Секој кој ќе го повика името Господово ќе се спаси. Или прво, барај го Царството Небесно и неговата правда и сѐ тоа ќе ви се додаде.

 

Како заклучок: Каков квас, какво семе ставаме во нашето срце, во нашата работа, во нашето семејство, во нашиот град, во нацијата? Тестото не расте веднаш, нели? Потребно е време. Така, ако сте квас на љубов, простување, разбирање такво ќе биде и тестото. А ако бидете обратното, можете да претпоставите каков ќе биде резултатот.

Во евангелие според Лука пишува:

Никој, пак, не става запалено светило на сокриено место, ниту под поклоп, туку на свеќник, за да ја видат светлината оние што влегуваат. Светило за телото е окото; ако твоето око биде чисто, и целото твое тело ќе биде светло; а ако биде лукаво, и твоето тело ќе биде темно; затоа гледај светлината, што е во тебе, да не биде темнина. Ако, пак, целото твое тело е светло и нема ниеден темен дел, тогаш тоа ќе биде така светло, како кога светило те осветлува со светлина.”

Што ќе одберете? Сакате да бидете светлина?


0 views

Recent Posts

See All
bottom of page