top of page

Патот до обновен ум (2)

Обновениот ум трансформира личност, трансформира град. Обновениот ум е најдобриот начин да се демонстрира волјата на Бог. А која е Божјата волја? Најдобрата дефиниција е прикажана во молитвата што Исус Христос им ја даде на сите луѓе да се молат односно нека биде волјата Твоја како во небото така и на Земјата. А што е волјата на Бога ?– на Земјата како на небото!


Исус ја започна својата служба со следнава фраза: Покајте се, блиску е Царството Небесно. Некои верници се покајуваат колку да влезат во царството, но не доволно за да го видат. Целта на покајувањето е да ја промени перцепцијата за една реалност и да се биде свесен за друга реалност. Царството Небесно е простор на доминирање на Господ Бог. Тоа е мерливо, реално и постои толкму сега. Исус работи секој ден од нашиот живот за да нѐ научи како изгледа Неговиот свет, да ги отвори нашите срца, да бидеме свесни за тоа како изгледа Божјата доминација во ситуација на инфериорност. Учењето да се биде вистински претставник на Божјото евангелие е вистинската есенција за нас. Не е целта само да се оди во рајот, туку тоа што сме назначени да ја донесеме рајската реалност на Земјата. Мојата работа е да ја донесам таа реалност тука. Покајанието е тоа што нѐ усмерува кон позиција за да видиме што ќе направи Бог. Покајанието е патот за обновен ум.

Верата не доаѓа преку или од умот. Верата доаѓа од срцето. Покајанието го надминува инфериорното. Покајанието е тоа што не поставува во позиција да видиме што Бог ќе направи следно. Верата не е резултат на обидување туку е производ на предавање. Мене како верник во природата ми е да верувам. Во мојата природа во Исус Христос да бидам личност од вера. Исус никогаш не нѐ научи како да се соочуваме и справиме со недооговорена молитва бидејќи Тој немаше таква. Исус нѐ покани на патување да истражуваме што може да биде возможно во нашиот животен век. Четири пати во три поглавја во Светото Писмо Исус вели: Барај што сакаш и ќе биде сторено за тебе. Исус Христос е Бог кој сака да биде близок со Неговите деца, сака да има посебна врска за да биде дел од сѐ што човекот прави. Светото Писмо вели дека рајот е направен за Бога, а Земјата за човекот. Тој ни даде одговорности. Понекогаш го обвинуваме Бог за трагедии и катастрофи што настануваат, а од друга стана се соочуваме со реалност на кого ја остави Земјата.

 

Исус ја илустрира природата на Господовото срце, на срцето на Небесниот Татко, татко кој води грижа за своите деца. Неговата добрина не може да биде претерана. Тој е подобар отколку што мислиме ние. Затоа подобро е да го промениме начинот на кој мислиме. Нашето мислење мора да биде во согласност со Неговото. Покајанието е вовед во тоа кој е Тој, за да мислам како што мисли Тој. Целта и патот за сите нас е обновениот ум. Обновениот ум е како коритото на една река. Реката слободно тече ако нема пречки, доколку коритото е чисто. Така е со обновениот ум, верата слободно функционира ако умот е обновен, исчистен од секакви отпадоци. Обновениот ум прави контекст за верата да биде реализирана.

Исус изјави дека човекот сам не може ништо да направи. Исус со Неговото доаѓање направи секој да биде вклучен и секој да може да лекува, да прави чуда, да избавува, да го истерува злото. Сега Светиот Дух живее во секој верник и Тој е духот на воскреснувањето, обновувањето. Светиот Дух е како река, која тече во нас за да донесе трансформација кај нас, кај другите, во земјата во која живееме, на нацијата. Тој е оној кој ја носи промената. Трансформацијата доаѓа кога ставаме крај на старото и започнуваме со ново односно како што пишува: Старото помина, ета сега сѐ е ново,

Исус на земјата живееше како модел кој ние треба да го следиме. Тоа беше и поентата. Тој како бог, избра да живее како човек, како пример кој може и треба да се следи. Единствениот начин за да се реализира Неговата заповед во мене и преку мене е така што јас би се предала за Тој да може да се манифестира преку мене, за она што само Тој може да го направи, а тоа е да се лекуваат луѓе, да се истерува злото, да се прават чуда.

 

Што прави обновениот ум? Ја докажува својата волја како што е на небото за да биде и на Земјата. Во Евангелие според Марко 4 глава се опишува следнава случка:

И вечерта на истиот ден им рече: „Да преминеме на другата страна!”И кога го отпуштија народот Го зедоа Исуса со себе, како што беше во коработ; и други кораби беа со Него.И се подигна силна бура, а брановите се префрлуваа во коработ, така што коработ веќе се полнеше.А Тој при кормилото спиеше на перница. И Го разбудија и Му рекоа: „Учителе, зар не Ти е грижа, што ние загинуваме?”И стана, му се закани на ветрот и му рече на морето: „Стивни! Молкни!” И ветерот стивна и настана голема тишина.И им рече: „Зошто се плашите толку? Како немате вера?”

Оваа случка е една алармантна случка. Да размислиме... Кој е Исус? Тој е Бог. Како го нарекуваме разговорот со Бог? – Молитва! Што значи, апостолите доаѓаат кај Исус и се молат за бурата да се смири и да стивне, а Тој одговара на нивната молитва, а потоа Тој ги прашува зошто тие немаа вера. Што ни кажува ова? Ни кажува за две нешта витални за обновениот ум. Како прво, важно е да се сфати за обновениот ум дека Бог некогаш ќе направи нешто преку тебе отколку за тебе. Исус ги тренираше апостолите за да го презентираат и претставуваат на планетата Земја, а не само да го замолуваат Тој да работи во нивно име. Како што созреваме ние живееме од срцето на Бога кон животните случувања и предизвици. Апостолите беа обучувани да им зборуваат на потешкотиите и случувањата во животот за да бидат отстранети. Но наместо тоа гледаме како тие го замолуваат и бараат од Него да ја заврши работата што тие имаа авторитет да ја завршат т.е во овој случај да ја смират бурата. Како второ, е тоа што Исус го даде она што го имаше. Тој ѝ заповеда мир на бурата. Тој го имаше мирот бидејќи спиеше во текот на бурата. Ние имаме авторитет над секоја бура во која одмараме.

Обновениот ум живее во реалноста во која нашиот внатрешен свет го дефинира нашиот надворешен свет. Обновениот ум живее со свесноста дека внатрешната реалност всушност има ефект на надворешната реалност. На пример, сите ние сме биле со пријатели, па и самите ние, кои од надвор се со насмевка но одвнатре се анксиозни, преплашени, разочарани и тоа го чувствуваме без да го видиме надворешно. Нивната внатрешна атмосфера реално ја дефинира надворешната атмосфера.

Исус беше во можност да ја земе под контрола ситуацијата преку зборовна форма и декларира односно изјави, и испрати мир и бурата се смири.

Јован 1:14 гласи: И Словото стана тело и се всели во нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото - полн со благодат и вистина.

Исто така пишува дека зборовите што ги кажува Исус станаа дух. Што значи прво зборот стана тело, а потоа кога изговори стана дух.

Зашто Божјото Царство не се состои во јадење и пиење, туку во правда, и мир и радост во Светиот Дух, пишува во Послание до Римјаните 14:17 што значи Божјото Царство е во Светиот Дух. Кога Исус зборува Неговиот збор станува дух. А зошто тоа е толку важно? Затоа што Неговото присутство ја содржи реалноста на Царот и Неговото Царство. Каде што е Божјиот Дух таму е и слободата. Манифестираното присуство на Исус преку Светиот Дух е мерливо преку слободата што ги менува и трансформира човечките животи.

Која е целта на чудата? Чудата се по природа откупителни за да го променат човекот по Божјата промисла. Чудата што ни се случуваат во почетоците е да научиме да му веруваме на Бог за да нѐ одржи, но Тој се обидува да нѐ доведе на место каде што ќе бидеме целосен израз на она што сака да бидеме, за да бидеме понапред и со тоа да ја донесеме реалноста на Неговото Царство на светлина токму тука, на Земјата.



Обновениот ум ја крши реалност на Бога што не се гледа во овој свет и ја прави реална. Пример за тоа е случката кога апостолите требаше да нахранат 5000 луѓе, а во нивната кошница имаше само неколку лебови и две риби. Исус им рече: Нахранете ги вие. Го зеде лебот го благослови и им го даде на апостолите да го разделат. Односно:

А Исус, кога ги повика учениците Свои, рече: „Жал ми е за луѓето, оти три дена веќе стојат при Мене и немаат што да јадат; да ги распуштам гладни, не би сакал, за да не премалеат по патот.”Но учениците Негови Му рекоа: „Каде ќе земеме толку леб во пустинава, за да нахраниме толку народ?” Исус ги праша: „Колку лебови имате?” А тие одговорија: „Седум и неколку риби.” Тогаш му заповеда Исус на народот да поседне по земјата. И како ги зеде седумте лебови и рибите, заблагодари, ги прекрши и им ги даде на учениците Свои, а учениците – на народот.И јадеа сите и се наситија; и кренаа останати парчиња седум полни кошници. А оние што јадеа, беа четири илјади души, освен жените и децата.

Што значи благословувањето? Зошто ја благослови храната? Со благословувањето Тој трансферира односно пренесе нешто од природното царство и го стави во Царството Небесно, а во Небесното Царство веќе не се само неколку лебови, туку она што нам ни треба, а во случајов храна за сите, и сѐ што се прави и создава во тоа царство е според други правила и закони. И имаше за сите луѓе. Како што апостолите го подаваа лебот секому лебот се мултиплицираше, се умножуваше. Токму тоа треба да го научиме. На пример, кога патуваме во друга држава некои закони се различни од земјата во која живееме. Така е со Царството Небесно. Она што се случува е ние се обидуваме да живееме обратно. Ги сакаме придобивките од Небесното Царство, а не сакаме да живееме според неговите правила и закони, како што е: добиваш давајќи, или понизноста те носи нагоре, те возвишува.

Обновениот ум соработува, ја става содржината за таа наредба, молитва, пророштво, едноставните работи што ги правиме, ја изразува верата што ни е дадена како дар. И ни е дадено нам и имаме привилегија да живееме во време кога е Негова намера да го менува курсот на нашиот живот и историјата на човештвото преку оние кои веруваат.

 

Обновениот ум е најдобриот инструмент, алатка за да се открие чудесното. Обновениот ум може да ја докаже Божјата волја, може да ја манифестира. Обновениот ум го застапува мислењето дека квалитетот е подобар од квантитетот. Како примерот со синаповото семе. Доколку имаш вера колку синапово семе можеш да направиш и добиеш сѐ. Најмалата мера од што било во Царството Небесно е поголема од најголемата опозиција на Царството. Обновениот ум ни ги дава параметрите како фумкционира верата. Тој ги претставува темелите на сѐ што ќе се гради во човековиот живот. Вистината доаѓа во слоеви. Таа само се надоградува. Секогаш поаѓаме од основата, нели? Па потоа се надоградуваме. Треба да ја имаме потребата за откровение. Небесниот Татко сака да научиме како да имаме пристап до небесните ресурси и да ги користиме.

Еден од принципите на обновениот ум е истакнат во Послание до Римјаните 6 преку следните стихови:

Или зар не знаете дека сите ние, кои сме крстени во Исус Христос, крстени сме во Неговата смрт?И така, преку крштавањето во смртта, погребани сме заедно со Него, - та како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Таткото, - така и ние да одиме во нов живот. Зашто ако сме соединети со Него во смртта слична на Неговата, ќе бидеме и во воскресението слично на Неговото.Тоа го знаеме: нашиот стар човек е распнат заедно со Него, за да биде уништено телото на гревот, па да не му робуваме веќе на гревот, зашто тој кој умрел, е оправдан од гревот.А ако умревме со Христос, веруваме дека и ќе живееме со Него,зашто знаеме дека Христос, Кој воскресна од мртвите, веќе не умира: смртта нема веќе власт над Него. Зашто, ако умрел - умрел за гревот еднаш засекогаш, а што живее - живее за Бога.Така и вие сметајте се себеси мртви за гревот, но живи за Бога во Исус Христос нашиот Господ! И така, нека не царува гревот во вашето смртно тело, па да ги слушате неговите страсни желби!

Многу од нас се научени дека сѐ уште се борат со стариот живот, гревовите од минатото. А штом веруваш во лагата го поддржуваш креаторот на лагата. Понекогаш ги водиме старите битки кои многу долго време не се дел од нашиот живот. Треба да гледаме со нови очи. Тоа не значи дека никогаш повеќе нема да погрешиме, но новиот човек во нас знае како да се справи преку покајание, и во верувањето дека нашата стара природа не постои. Ако мислиме поинаку значи мислиме надвор од Царството Небесно, а ако функционираме надвор од царството тогаш ги немаме неговите придобивки, туку ги добиваме плодовите од другото царство.

Во Јован 3 глава стои следнава случка:

А меѓу фарисеите имаше еден човек, по име Никодим, јудејски старешина.Тој дојде ноќе при Исуса и Му рече: „Рави! Знаеме дека си дојден од Бога како Учител; зашто никој не може да ги прави чудесата, што ги правиш Ти, ако Бог не е со него.”Исус му одговори и рече: „Вистина, вистина, ти велам, ако некој не се роди одозгора, тој не може да го види Божјото Царство.”Никодим Му рече: „Како може да се роди човек, кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?”Исус му одговори: „Вистина, вистина, ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, тој не може да влезе во Божјото Царство.Роденото од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е.Не чуди се што ти реков: треба да се родите одозгора.Ветерот дува каде што сака, и го слушаш неговиот шум, а не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој, кој е роден од Дух.”Никодим Му одговори и рече: „Како може да биде тоа?”Исус му одговори и рече: „Ти си Израелев учител, и не го знаеш ли тоа?Вистина, вистина, ти велам: зборуваме за она, што знаеме; сведочиме за она што сме виделе; а сепак не го примате нашето сведоштво.Не верувате кога ви зборував за земните работи, како ќе верувате ако ви кажувам за небесните?И никој не отишол во небо, освен Оној, Кој слезе од небото, Човечкиот Син Кој е во небото.” И како што Мојсеј ја издигна змијата во пустината, така треба да биде издигнат Човечкиот Син,та секој, кој верува во Него да не загине, но да има вечен живот. Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот.Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.Кој верува во Него, нему не му се суди; а кој не верува веќе е осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Божји Син. Судот се состои во ова: Светлината дојде во светот, а луѓето ја засакаа темнината повеќе од светлината, зашто делата им беа зли. Зашто, секој кој прави зло ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат откриени неговите дела;а кој ја извршува вистината оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се извршени во Бога.

 

Господи, зголеми ја милоста кон нас за да мислиме и гледаме со обновен ум. Уморени сме од смислување и објаснување за она што го немаме. Господи те молам да нѝ го објавиш и откриеш Твојот свет, Твоето царство, како функционира и дека кај нас засекогаш ќе има промена, промена во начиниот на нашето размислување и гледање. Помогни ни никогаш повеќе да нѐ бидеме зачудени од големината на проблемот, никогаш повеќе од големината на предизвикот пред нас. Господи, се молам во овој момент, за обнова на нашиот ум, на нашите очи да гледаат совршено, на нашите уши да слушаат за да не ги заборават чудесата што ги правиш Ти како поткрепа за соочување со идните предизвици. Се молам за обновување на срцата и умовите во моќното име на Господ Исус Христос. Амин.


1 view

Recent Posts

See All
bottom of page