top of page

Ослободете се од негативноста


Лесно е да се живее животот задржувајќи ги сите емоции како: вина, грижа, слабост, сомнеж, а со тоа нѐ држат заковани и статични. Проблемот е кога дозволуваме овие емоции да навлезат длабоко во нас задржувајќи го местото за позитивните работи. Замислете го вашиот живот како контејнер. Создадени сме за да бидеме исполнети со радост, мир, креативност, самодоверба, но ако и дозволите на грижата да влезе тогаш таа го истурнува мирот. Нема простор и за двете. Не можете да го наполнете контејнерот повеќе отколку што може да собере. Не може да собере над 100 проценти. Просторот е ограничен. Доколку ѝ дозволите на грижата да одземе голем дел од просторот тогаш се намалува просторот за самодовербата што ви треба.

Причината зошто некои луѓе не уживаат во својот живот бидејќи нивниот контејнер, нивното срце е контаминирано, загадено со толку многу работи. Тие имаат 10 проценти грижа, загрижени можеби за нивната кариера, 12 проценти огорченст, лути им се на соседите, 20 проценти вина за грешките од минатото, 9 проценти љубомора на нивниот соработник итн. Не разбираат дека огромен простор од контењерот им е негативен. Па се чудат зошто немаат радост, креативност, страст. Тие имаат само 30 проценти од тоа што треба да го имаат. Светото Писмо нагласува: Не му давај простор на злото. Тоа не се однесува само на силите на темнината туку и на вината, сомнежот, лутината, гневот, омразата, огорченоста, тагата итн. Вие одлучувате што ќе ставите во него. Вие ја имате контролата над вашите мисли. Вие имате контрола на тоа што ќе дозволите да влезе во вашето срце.


Сите ние имаме негативни емоции, чувства. Но мораме да одлучиме дека нема да им дадеме простор на љубомората, огорченоста, гневот драгоцен простор и да им дозволиме да нѝ го затрујат животот. Одлучуваме да се заштитиме. Секоја вечер пред да легнеме треба да го испразнеме нашиот контејнер од евентуалните негативни работи натрупани во текот на денот, како што вели Светото Писмо: Ако сте гневни, не грешете. Сонцето да не зајде во вашиот гнев.

Некој можеби ве навредил, и лесно е таа навреда да остане. Мора да бидеме дисциплинирани и да кажеме: „Не, јас нема да дозволам оваа навреда да остане во мене и да ми го уништи денот.“ Еднаш веќе ве навредиле. Не им дозволувајте да продолжат да ве навредуваат со тоа што ќе дозволите навредата да остане во вашето срце и со секој нареден ден да одзема се повеќе од вашата радост. Навредата не му штети на непријателот туку вам. Таа одзема простор од убавите работи кои нѝ се потребни за да ја оствариме нашата судбина. Наутро ни доаѓаат мисли од типот: „Како ќе ги платам сметките? Имам незавршени обврски, кога ќе стигнам се да направам и завршам? Што ако извештајот од докторот не е со добри резултати? Никогаш нема да излезам од овој хаос, кога ќе се разреши ситуацијата?“

Да не дозволуваме тоа да ни одземе премногу простор, да навлезе во нас и да фати корен, туку да речеме: „Не, не нема да дозволам оваа ситуација да ме навлече надолу. Знам дека Бог ја има контролата нас се. Ме има во неговата дланка, Тој ќе ме однесе таму каде што треба.“ Затоа, да внимаваме со што го исполнуваме нашиот живот. Сепак, нашето време е ограничено и ние имаме избор да одлучиме како ќе го живееме животот. Еден псалм вели: Тој ги проштава сите твои гревови, Тој ги исцелува сите твои болести. Тој ти го спасува животот од распадливост, те овенчува со добрина и љубов. Ти го исполнува животот со добрини, твојата младост се обновува како на орелот. Ако го испразнеме контејнерот од сите негативни работи тогаш Бог ќе има можност да ни го наполни со позитивни нешта. Ако се ослободиме од грижите Бог ќе ни даде спокој. Ако ги тргнеме лошите зборови што другите ни ги кажале тогаш Бог ќе нѐ наполни со самодоверба.

 

Моето прашање е : Дали Бог се обидува да го наполни вашиот контејнер со убави, позитивни работи, но вие немате место? Не сте му простиле некому? Направете го тоа денес. Непростувањето зафаќа толку голем простор. Верувајте, подобро е да се биде спокоен и полн со радост и љубов, отколку со горчина и чувство на жртва на нечии постапки, зборови и околности. Е, тогаш Бог ќе направи убавина од пепел, радост од тага.

Можеби сте во стресен период од вашиот живот, можеби здравјето ви е загрозено или финансиите не се на најдобро ниво. Речете: Господе, знам дека ти имаш се под контрола, дека Ти ќе го обновиш моето здравје. На тој начин му давате простор на Бог да ве излекува, да ве обнови, да ги наполни вашите амбари со богатство и благослов. Бог ќе ви даде мир на сред бура.

Можеби некој од колегите го добил напредувањето што требаше вие да го добиете, па зависта, љубомората ќе надвиснат. Е посакував тоа да бев јас, јас сум попаметен од нив, навистина не го разбирам ова. Наместо тоа, знајте дека Бог нѐ гледа на разлики и дека тој ќе ви обезбеди подобро работно место. Бог нема ограничени ресурси. Има посебна благонаклоност спрема вас. Не можете да го осиромашите Бог. Неговите ресурси од финасии, здравје, благосостојба се неограничени. Доколку некој го добил тоа што вие сте го сакале тоа значи дека не требало да биде за вас и дека Бог подготвува нешто уште подобро. Ако друг го добил унапредувањето бидите среќни за него или за неа. Бог има подобро за вас. Не грижете се. Бог знае што прави. Она што е на ваше име нема да оди никаде на друго место. Не живејте со горчина, љубомора, себесожалување. Тоа ќе ви го затруе животот.



Имајте навика да се ослободувате од негативноста. На тој начин ќе останете свежи, млади како физички така и во духот. Ќе блескате со светлина, како што пишува во Евангелие според Матеј: Вие сте светлината на светот. Град кој лежи на рид, не може да се сокрие; ниту се пали светило, за да се стави под житно мерило, туку на светилник, и им свети на сите кои се во куќата. Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, кој е во небесата.

Сте направиле грешка, не развивајте вина, следниот пат ќе бидете подобри. Никој не ви ја признал вашата работа, вашиот труд – не се сожалувајте. Ако сте во ситуација која е збунувачка, нејасна, разочарувачка испразнете го контејнерот од различните прашања.

Исус вели: Благословени се чистите по срце. Тие ќе го видат Господа. А кога сме чисти? Кога немаме отров во нас, нечистотии, токсини, негативност. Значи, ќе бидете благословени односно Бог ќе може да ве благослови тогаш кога ќе научите да се ослободите од нечистотијата на животот. Суштината е во воспоставувањето навика да се ослободуваме од негативноста, од мракот, од темнината што може да ни ја засени светлината. Сѐ е до одлуката свесно да се биде светлина. Темнината е таква – се протнува неосетно, брзо, лажно и за миг нависнале мрачни облаци. Авторитетот е во нас, Бог ни го дал уште кога нѐ создал. А воопшто досега сме знаеме ли дека имаме авторитет?

 

Знаете ли што е огорченоста за нашиот дух? Таа е инфекција. Вината е инфекција. Стравот, стресот се инфекција. Тие доаѓаат, а ние треба да ги истуркаме од нас. Во спротивно ќе го контаминираат нашиот дух и нѝ создаваат проблеми. Не сте создадени за во себе да носите грижа, вина, гнев, тага, огорченост, незадоволство, товар и темнина. Вие сте создадени по Божјата слика, а Бог е светлина!

Да, доаѓаат секакви мигови во животот и емоциите прават да мислиме дека тоа што го проживуваме е оправдано. Но, на таков начин ги вдомуваме тие негативни емоции, а со тоа тие го инфицираат целото наше постоење. Мислиме дека ќе ги угостиме само за кратко, но треба да сме свесни дека тие лесно фаќаат корен и потоа се инфицира целото тело, нашиот дух. Мора да нѝ станат некои работи јасни и да бидеме свесни. Свесноста е таа која ќе нѝ помогне да бидете битија според сликата на нашиот Небесен Татко. Сѐ што направил Бог е совршено, како што вели Божјиот Збор: ...и сѐ беше добро.

Клучот е во препознавање на тоа дека негативните работи не нѝ се од полза. Замислете, вашиот ангел ви носи пакет со убави нешта: здравје, финансии, имот, напредок, партнер итн, а вие во вашиот контејнер немате место за тој пакет.

Штом веќе ова го знаете зарем сѐ уште ќе ги чувате негативните работи или ќе го испразните контејнерот? Донесете ја одлуката уште сега, Преземете акција. Не ги слушајте гласовите кои ќе ви речат дека сето тоа ќе биде без полза, непотребно и слично.

Добрата вест е дека не е доцна за промена, не е доцна за обновување на нашиот ум, нашиот живот. Колку и години да поминале, не е важно. Важен е овој момент на промена. Да му дозволиме на нашиот ангел да нѝ ја предаде радоста што нѝ ја носи, спокојот, креативноста, храброста, мудроста, здравјето, финансиите, луѓето кои ќе нѐ почитуваат, ќе нѐ поддржуваат.

Сите ние правиме грешки. Наместо да бегаме и да се криеме од Бог ние треба да трчаме во неговите прегратки, да се покаеме, да бараме прошка и да продолжиме напред. Мракот не го создаваат само другите луѓе и околностите, туку и ние правиме грешки, а грешката со себе носи последици. Непријателот е наречен обвинител на ближниот. Неговата цел е да нѐ остави во позиција на грешници, виновници. Тој ќе нѐ потсетува на секоја грешка што сме ја направиле. Лесно е да се подлегне на неговите повторувани изјави дека ништо повеќе нема да биде исто, дека не постои можност за промена, само за да живееме со вина и огорченост, а на тој начин светлината нема да може да продре во нас. Драги мои, не го слушајте! Одете кај вашиот Небесен Татко и дозволете му да ве благослови. Ваше е само да го примите Неговиот благослов и да живеете обновени, исполенети и среќни. Не можете да го промените минатото, но можете да ја промените сегашноста и иднината. Со тоа што ќе бидете против себе ништо нема да постигнете. Тоа ве турка само надолу. Истиот момент кога сте побарале опростување од Бога, тој ист момент ви е простено. Опростете си на себеси. Исклучете го обвинувачкиот глас.

 

Некој од нас ќе рече: „Но јас имам направено многу грешки. Не заслужувам да ми се прости.“

Реалноста е дека никој не заслужува, но сите ние сме спасени по Божјата мислост и љубов. Како што е напишано во Светото Писмо: Исус беше изнаранет за нашите гревови и нашите слабости. Казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме.

Што значи, цената е веќе платена. Нам нѝ останува да бидеме одраз на Божјикот лик и светлина. Ако паднеме, не треба да останеме долу туку да станеме и да продолжиме. Кога ѓаволот нѝ шепти и нѝ вели: ете повторно падна, упропасти се, никогаш немa да станеш, никогаш нема да успееш – не го слушајте! Знаје дека ја имате бесконечната љубов од Бог. Можеби не сте на многу високо место, но сте подобри од вчера.


Потребна е голема количина на емоционална енергија за сѐ да сочуваме во нас. Да, многу работи во животот не се фер, луѓето кои нѝ погрешиле и сл. Ослободете се од последиците на туѓите грешки и погрешни однесувања. Бог е судијата. Тој ќе ве одбрани и одмазди. Оставете на Бог и бидете мирни и спокојни. На тој начин во вашиот дух ќе владее благослов и убавина.

Исус Христос е пример како секој од нас треба да се ослободи од негативноста и отровот. Кога беше на крстот пред да го издивне последниот здив рече: Татко прости им бидејќи не знаат што прават. Што значи, Исус не сакаше ни грам негативност и огорченост да понесе со себе во рајот – им прости на сите. Затоа ослободете се од сета негативност и бидете светлина!


0 views
bottom of page