top of page

Да се разбереш себеси и другите

Едно од неизбежните прашања што секој од нас си го поставува е кој сум јас? Дали се разбирам себеси? Ако не се разбирам себеси, како ќе ги разберам другите? Нејаснотиите придонесуваат за поставување на ограничувања. Ние си поставуваме ограничувања за тоа кои сме и што можеме да постигнеме.

Како да се разберам себеси? Како да го направам тоа? Имам ли некаква помош од некого?

Нашите ограничувања се поставени врз основа на тоа што е во нашиот ум.

Деловите од нашето битие кои не се обновени или пак нашите карактерни црти, може да бидат пречка и да ги блокираат благословите од Небесниот Татко. Штом добиеме откровение дека светот, нештата во животот, опкржувањето и злото влијаеле на нашите перцепции, на тоа како ги процесираме нештата тогаш сфаќаме дека сме биле ограбени од вистината и од благословите.

Божјиот збор е вистинит. Светиот дух е дух на вистината. Исус Христос е патот, вистината и животот. Овие работи ги разбираме вербално, ментално, но дали духовно сме ги сфатиле и прифатиле како такви? Ако сме со Небесниот Татко не постојат опции да изгубиме, бидејќи Тој нема да го дозволи тоа. Нема да дозволи да паднеме во стапицата на непријателот.

Без вистината не постои напредок и успех. Изборот е наш, дали ќе ја избереме вистината или лагата односно илузијата. Бог ќе нѐ остави да избереме. Кога свесно избираме да бидеме измамени и да живееме во лага, Тој нема да се спротивстави на тоа, бидејќи го почитува нашиот избор. Ќе нѝ укаже, ќе нѐ опомени, но сепак изборот е наш. Следниве зборови се Негови зборови:

„Зашто оваа заповед, што денес ти ја давам, не е тешка за тебе, ниту далеку од тебе. Таа не е на небото за да може да се каже: „кој од нас би се воздигнал на небото и би ни ја земал и донел да ја чуеме, та да ја исполниме?”; ниту е преку море, за да може да се каже: „кој од нас би отишол преку море и би ни ја земал и дал да ја чуеме, та да ја исполниме?” Но оваа заповед е многу блиска до тебе, таа е во устата твоја и во срцето твое, за да ја исполнуваш. Ете, јас денес ти предложив живот и добро, смрт и зло. Ако ги слушаш заповедите на Господ, твојот Бог, што денес ти ги давам, – да Го сакаш Господ, твојот Бог, да одиш по сите патишта Негови и да ги извршуваш заповедите и законите Негови, – тогаш ќе живееш и ќе се намножиш, и Господ, твојот Бог, ќе те благослови во земјата, во која одиш, за да ја наследиш; ако, пак, се одврати срцето твое, и не послушаш, и се заблудиш, па почнеш да им се клањаш на други богови и да им служиш, тогаш, ви јавувам денес, дека ќе загинете и нема долго да останете на земјата, која Господ Бог ти ја дава. Ви сведочам денес со небото и со земјата: живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое: да Го сакаш Господ, твојот Бог, да го слушаш гласот Негов и да се приврзеш кон Него, зашто тоа е твојот живот; така ти ќе живееш на земјата, за која Господ Бог им се беше заколнал на татковците твои – Авраам, Исак и Јаков, дека ќе им ја даде.“

Фактот дека не разбираме дека нѝ е дадена слободна волја, дека не го разбираме Небесниот Татко, а со тоа не се разбираме себеси, и дека сето тоа преку нашите одлуки резултира со последици. Ние треба да бидеме проактивни за тоа што треба да правиме, а што не, да размислуваме, да прашуваме, да анализираме, да осознаваме, правилно да расудуваме итн.



Светиот Дух е утешителот, нашиот личен тренер, Тој ќе нѐ опомени, ќе нѐ предупреди, ќе ни укаже, ќе нѐ насочи, ќе нѐ советува, ќе нѐ потсети. Секој од нас го слуша Божјиот глас и знае што е погрешно, а што е исправно. Исус Христос во Јован 14 глава укажува:

А Јас ќе побарам од небесниот Татко и Тој ќе ви даде друг Помошник, Кој ќе остане со вас засекогаш. Тоа е Духот Кој ќе ви ја открива вистината. Световните луѓе не се во состојба да Го примат Него, затоа што не Го гледаат, ниту Го познаваат. Вие Го познавате Светиот Дух, зашто Тој е со вас и ќе продолжи да живее во вас.

Така што, ако сме желни и послушни, тогаш ќе го добиеме најдоброто, како што говори Небесниот Татко во Исаија 1:

Тогаш дојдете и ќе се пресуди, вели Господ. Гревовите ваши да се и како бакам, – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур, – како волна ќе станат бели. Ако Го барате и послушате, ќе ги јадете добрата земни.

Спознавањето себеси е избор. Трагањето по вистината е избор. Спознавањето, промената, обновувањето на умот бара труд и време бидејќи некои карактерни црти кај нас се длабоко вкоренети и промената не се случува преку ноќ. Во тој процес наидуваме на најчесто користената изјава: Секој има свое мислење”. Да, секој го има своето мислење, но дали тоа мислење е вистината. Небесниот Татко ја презентира апсолутната вистина. Различните ставови и мислења не ги решаваат проблемите, туку апсолутната вистина го прави тоа. Нашето мислење некогаш не се совпаѓа со она што го говори Божјијот глас.

Дали дозволуваме гласовите од светот, гласовите од злото да ги менуваат нашите перцепции за нас и за другите? Потребно е да му дозволиме на Светиот Дух да нѐ учи, за да растеме духовно и да не бидеме под влијание на погрешното. Еден од најчестите примери што ги користам е примерот со музиката што ја слушаме. Музиката, сама по себе не е штетна. Намената на музиката е да нѐ опушта, да нѐ развесели, да нѝ биде пријатно. Штом е така, во што е проблемот? Доколку авторот на музиката или на содрржината на текстот е под влијание на злото, тогаш таа музика не поттикнува божјо присуство, токму напротив - демонско. Континуираното слушање го полни нашиот ум со погрешни информации, и ние наместо да се менуваме позитивно, несвесно одиме во погрешниот правец.

 

Секој од нас има дарови да прави нешто. И на авторот на музиката или на текстот му е даден дар од Небесниот Татко да создава небесна музика, но доколку авторот избрал тој дар да го користи за креирање погрешна музика, тогаш слушателите што би слушале? Но, и ние како слушатели имаме избор што ќе слушаме, или како гледачи што ќе гледаме. Доколку избереме да го слушаме тогаш сме под погрешно влијание, и несвесно се приврзуваме за погрешното. Така е за се во животот.

Постојано треба да анализираме и да ја проверуваме нашата состојба, до каде сме стигнале со нашето лично усовршување, нашиот личен развој, што сме промениле и што треба да промениме. Познатиот стих: Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а не ја забележуваш гредата во твоето око?“ е најдобро применлива нели? На таков начин се понизуваме и бараме помош од Небесниот Татко во која било област на на нашето постоење. Некогаш нашето инаетење, нашата бунтовност, нашата игнорантност, нѐ втурнуваат уште повеќе во тешкотијата. Сме одлучиле да избереме погрешен начин за справување со дадената ситуација или проблем, како што пишува во Прво послание до Коринтјаните 10 глава: Бог за секое искушение ќе ви покаже излез и ќе ви даде сили да се одбраните.

Моментот на реализирање дека потребно е да се менуваме е суштински. Колку лесно се предаваме во чевечките раце да нѐ менуваат, а не се предаваме во Божјите? Повеќе му веруваме на човекот отколку на Бога. Веруваме во зборот на човекот, а не веруваме во Божјиот збор. Колку е контрадикторно. Небесниот Татко ни вели вака:

Пред да те вообликувам во мајчината утроба, Јас те знаев; пред да излезеш од мајчината утроба, Јас те посветив.

Во Послание до Римјаните дадено е решение за нашата ситуација. Имено, го пишува следново:

Исто така и Духот нѐ поткрепува во нашата немоќ; бидејќи ние не знаеме како треба да се молиме. Па сепак, Ду­хот Сам посредува за нас со не­ис­ка­жливо воздивнување. А Оној Кој ги истражувал срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Тој по волјата на Бога посредува за све­тиите. А знаеме дека на оние што Го љу­бат Бога и се повикани по Негова волја, сѐ им содејствува за добро.

А во Второ послание до Коринтјаните 3 пишува:

Зашто Господ е Дух, а каде е Господовиот Дух, таму е слободата. А ние сите, со откриено лице, ја одразуваме Господовата слава и се преобразуваме во ист лик, од слава во слава, како што го прави тоа Господовиот Дух.

Драги мои, вистината ни е достапна. наше е само да ја прифатиме.

1 view
bottom of page