top of page

Градење на карактерот


Дали имаме образец врз основа на кој ќе го градиме нашиот карактер? Истражувајќи, наидов на една општа дефиниција за карактерот. Имено, карактерот е дефиниран како сложена психичка организација од најразлични психички процеси, состојби и особини што се одразуваат во однесувањето на личноста.

Небесниот Татко ни вградил карактер, нѐ создаде според Неговата слика. За да излезе на површина тој карактер возможно е само ако го обновуваме нашиот ум. Божјиот Дух сака да имаме изграден карактер сѐ со цел да бидеме установени, основани со авторитет на оваа земја, како управители. Карактерот е многу важен бидејќи луѓето на земјата кои не веруваат во постоењето на Небесниот Татко, забележуваат дали сме поразлични од нив. Ја забележуваат разликата. Се запрашуваат зошто сме поразлични. Кога сме наново родени имаме авторитет над злото, над неправичноста.

Бидејќи сме направени според Божјата слика, значи го имаме Божјиот карактер. Во овој живот како најголем непријател го имаме ѓаволот кој не сака да знаеме кои сме како деца на Небесниот Татко, каков е Неговиот карактер. Во Царството Небесно сѐ е востановено врз основа на авторитет.

Исус Христос го откри карактерот на Небесниот Татко. Сѐ што правеше Исус на земјата, го правеше затоа што Небесниот татко му кажуваше да го направи токму тоа. Така што Исус Христос е совршен пример. Еден ден разговарајќи, еден од учениците, Филип, го замоли да му го покаже Небесниот Татко:
Исус му рече: „Јас Сум Патот, и Вистината, и Животот. Никој не доаѓа при Татко Ми, освен преку Мене. Ако Ме бевте познавале, ќе Го познававте и Мојот Татко. А отсега Го познавате и сте Го виделе!” Филип Му рече: „Господи, покажи ни Го Таткото, и доста ние.” Исус му рече: „Толку време Сум со вас и не Ме позна, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел и Таткото; тогаш како велиш ти: ‘Покажи ни Го Таткото!’ Не веруваш ли дека Јас Сум во Таткото и дека Таткото е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, не ги зборувам од Себе; Таткото, Кој е во Мене, Тој ги прави делата. Верувајте Ми дека Јас Сум во Таткото и Таткото во Мене; ако пак не - верувајте заради самите дела. Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги правам Јас, ќе ги прави и тој. Ќе прави и поголеми од овие, зашто Јас одам при Мојот Татко. И што и да побарате во Мое име, ќе направам, за да се прослави Таткото во Синот.
Исто така Исус потенцираше: „Зборувам тоа што ми кажува Небесниот Татко, го правам она што ми го кажува да го правам.”

Во овој живот, карактерот што го имаме треба да го претставува карактерот на Небесниот Татко. Изгледа невозможно, но во Второ послание на Петар прва глава стои:

Неговата божествена сила ни подари сè што ни е потребно за живот и побожност, преку познавањето на Оној, Кој нè повика преку Својата сопствена слава и добродетел, со што ни се подарени скапоцени и најголеми ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа, откако и избегавте на расипаноста, која е во светот, преку сладострастието, кое владее во светот; заради тоа вложете ја сета ревност, и исполнете ја својата вера со добродетел, а добродетелта со знаење; а знаењето со воздржливост; а воздржливоста со трпение; а трпението со побожност; а побожноста со братољубие; а братољубието со љубов. Зашто, ако го имате сè тоа и тоа се умножува, не ве прави мрзливи и бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос, но, кој го нема тоа, слеп е и кусоглед: зашто заборавил дека е очистен од своите стари гревови. Имено, ако го правите тоа никогаш нема да се сопнете.

Целта е да имаме карактер што ќе нѐ изделува од светот, и секој што ќе нѐ погледне ќе го види Исус во нас, а со тоа ќе бидеме сведок и прповедник на добрите вести. Христос секаде каде што одеше правеше добро, лекуваше, помагаше, ги ослободуваше сите оние кои беа под тортура од ѓаволот. Тој беше пример на Небесниот Татко.

Нашиот карактер е сведок за тоа какви сме ние. Нели Исус ни рече: „Бидете совршени како што е совршен нашиот Небесен Татко!

Секој од нас секојдневно на некаков начин вложува во својот карактер. Колку ние наликуваме на Небесниот Татко? Се доближуваме или се оддалечуваме од Него? Колку се доближуваме до нашата судбина со нашиот карактер? Во Послание до Римјаните 8 глава пишува:

А оние, кои се по телото, мислат за телото, додека оние, по Духот, мислат за нештата на Духот. Бидејќи мудрувањето на телото, е смрт; а мудрувањето на Духот: живот и мир; зашто мудрувањето на телото е непријателство против Бога, бидејќи не му се покорува на Божјиот Закон, ниту пак може. Оние, кои се во телото, не можат да Му угодат на Бога. Но вие не сте во телото, туку во Духот, ако Божјиот Дух навистина живее во вас. Но, ако некој Го нема Христовиот Дух, не е Негов.

Врз основа на ова доаѓаме до заклучок дека не смееме да правиме сѐ и сешто. Не смееме да правиме погрешни работи. Зошто? Затоа што погрешните постапки ќе нѐ тргнат од вистинската патека. Секој од нас треба да ја знае Божјата волја за себе. Во спротивно, како би знаеле дали сме на вистинската патека? Во Евангелие според Лука 12:32 пишува: „Не плаши се мало стадо, зашто вашиот Татко благоволи да ви го даде Царството.“


Карактерот се развива тогаш кога му веруваме на Божјиот Светиот Дух, тогаш кога ја знаеме вистината, штом знаеме кој ја кажува вистината, а кој лаже. Таткото секогаш ја кажува вистината, а ѓаволот е оној кој секогаш лаже. Небесниот Татко секогаш е во право. Ѓаволот ги носи луѓето во измама. Изборот е наш. Во Евангелие според Матеј 7 глава Исус Христос вели:

„Влезот во Божјото царство е низ тесна врата, а мнозинството луѓе одат по широкиот и лесен пат кој води во пропаст! А мала е вратата и тесен е патот што водат во вечен живот, и мал број луѓе го наоѓаат.“ „Чувајте се од лажни пророци; тие доаѓаат кај вас во овча кожа, но однатре се грабливи волци. По нивните плодови ќе ги распознаете: трнот сигурно не раѓа грозје, ниту пак чичката раѓа смокви! Секое питомо дрво раѓа питоми плодови, а секое диво дрво раѓа диви плодови. Од питомото дрво не може да произлезе див плод, ниту пак од дивото дрво може да произлезе питом плод. А дрвјата кои не раѓаат питоми плодови се сечат и се горат! Така, значи, по нивните плодови ќе ги распознаете.“ „Во небесното царство нема да влезе секој човек што ми се обраќа со ,Господе, Господе‘, туку само оние кои го извршуваат она што од нив го бара Мојот небесен Татко. Кога ќе дојде Судниот ден, мнозина ќе ми велат: ,Господе, Господе! Ние во Твое име пророкувавме, во Твое име демони протерувавме и во Твое име чуда правевме!‘ Тогаш Јас ќе им речам: ,Никогаш не Сум ве познавал! Тргнете се од Мене вие кои ги кршевте Божјите закони!‘“ „Секој што ги слуша Моите зборови и ги извршува е мудар и може да се спореди со човек, кој си гради куќа врз камена подлога; кога ќе заврнат поројни дождови, ќе надојдат реките, или силен виор ќе ја погоди куќата, таа нема да се урне, бидејќи е изградена врз камена подлога. А секој што ги слуша Моите зборови, а не ги извршува е глупав и може да се спореди со човек, кој си гради куќа врз песок; кога ќе заврнат поројни дождови, ќе надојдат реките, или силен виор ќе ја погоди куќата, таа ќе се урне со стравотен тресок!“

Или во Евангелие според Јован 10 пишува:

Јас Сум вратата; кој ќе влезе низ Мене, ќе биде спасен, ќе влегува и ќе излегува и ќе најде пасиште. Крадецот влегува само да украде, да заколе и да погуби.
 

Штом ја дознаеме вистината, продолжуваме во тој правец, му дозволуваме на Светиот Дух да нѐ поучува, да нѐ оформува, да нѐ дефинира според апсолутната вистина. Штом сме се ослободиле од лагата и илузиите, тогаш стануваме претставници на Царството Небесно секаде каде што одиме, преку сѐ што правиме. Во Послание до Римјаните 5 глава јасно укажано е како се гради карактерот. Имено:

Трпението раѓа искуство односно карактер, а искуството - надеж; а надежта пак не разочарува, зашто Божјата љубов е излеана во нашите срца преку Светиот Дух, Кој ни е даден.

Градењето карактер е како знак кој што е ставен за луѓето да го видат, и по тоа забележуваат дека сме поразлични. Не поразлични во смисла на чудни, туку поразлични во смисла на правични. Во Прво послание до Коринтјаните 15:33 пишува: Не лажете се: „Лошите зборови ги расипуваат добрите навики!”

Доколку времето го поминуваме со поеднци кои имаат лош карактер тоа ќе се одразува негативно на нашиот карактер. Под какво влијание сме во моментов? Што влијае на нашите секојдневни одлуки? Исус Христос ни укажува во Евангелие според Матеј:

Вие сте солта на земјата, но ако солта стане блуткава, со што ќе се осоли? Веќе нема сила за ништо, освен да биде фрлена надвор и луѓето да ја изгазат.
А во Послание до Филипјаните пишува: Бидете исполнети со плодови на правдата преку Исус Христос, за слава и пофалба на Бога.

Медитирајќи на Божјиот збор, трансформирајќи се преку обновување на умот и дозволувајќи му на силата на Духот да нѐ менува секој ден, е патот кон градење карактер. Треба да бидеме водени од Светиот Дух, да не правиме ништо од страв туку од љубов.

Исус Христос ни е патоказот. Тој се моли за нас упатувајќи ги до Небесниот Татко следниве зборови:

Како што Ти Ме испрати Мене во светот, така и Јас ги испратив во светот; За нив се осветувам Себеси, за да бидат и тие осветени во вистината. Но не се молам само за нив, туку и за оние, кои преку нивните зборови - ќе веруваат во Мене, за да бидат сите едно; како што си Ти, Татко, во Мене, и Јас во Тебе, така и тие да бидат едно во Нас, за да верува светот дека Ти Ме испрати. И славата што Ми ја даде, им ја дадов ним, за да бидат едно, како што Сме Ние едно; Јас во нив, а Ти во Мене, за да бидат совршени во едно, за да знае светот дека Ти си Ме испратил, и дека ги љубеше нив, како што Ме љубеше Мене. Татко, сакам оние, кои си Ми ги дал, да бидат со Мене таму каде што Сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава, што Ми ја даде, зашто Ме љубеше пред создавањето на светот. Праведен Татко, светот не Те запозна, а Јас Те запознав, и овие познаа дека Ти си Ме пратил. Им го објавив Твоето име и ќе го објавувам, па љубовта, со која Ме возљуби, да биде во нив, и Јас во нив.”


Како образец за бојжи налик на каракер би го издвоила делот од Послание до Колосјаните 3 глава, како и Послание до Римјаните 12 глава, во кои стои:

Ако сте воскреснале заедно со Христос, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога: мислете за небесното, а не за земното. Затоа умртвете ги своите земни членови, односно пороците: блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомството, кое е идолопоклонство! А сега и вие отфрлете сè од себе: гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста! Не лажете се еден со друг, откако веќе го соблековте стариот човек со неговите дела, и се облековте во новиот, кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател. И така, како избраници Божји, свети и возљубени, облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост; трпете се еден со друг и простувајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете! А над сето тоа облечете се во љубов, која е врска на совршенството, и мир Божји да владее во срцата ваши, за што сте повикани во едно тело, и бидете благодарни! Словото Христово изобилно нека се всели во нас; во секоја мудрост да се учите и да се советувате еден друг со псалми и химни, и со духовни песни, пеејќи Му на Господа со благодарност во срцата ваши! И сè што вршите со збор или со дело, вршете го во името на Господа Исуса Христа, благодарејќи Му преку Него на Бога и Отецот! И сè, што правите, правете го од душата, како за Господа, а не за луѓе, знаејќи дека како награда ќе добиете од Господа наследство, бидејќи на Господ Христос Му служите. А кој врши неправда, ќе добие според неправдата своја; и нема да се гледа кој е кој.

Затоа ве молам, браќа, заради Божјата милост, да ги принесете вашите тела во жива, света и угодна жртва на Бога, тоа да биде ваша разумна служба. Немојте да се прилагодувате со овој свет; туку, преобразувајте се преку обновувањето на вашиот ум, за да можете да дознаете која е добрата, угодна, и совршена Божја волја!Секој еден помеѓу вас: да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли - туку мислите нека ви бидат насочени кон разумно размислување, според мерата на верата, која Бог му ја доделил секому. Љубовта нека ви биде нелицемерна! Отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто! Не оставајте да ве победи злото; туку победете го злото со добро!

 














16 views
bottom of page