top of page

Бунар


Зошто се испразни бунарот во дворот? Зарем не беше доволна сушата околу мене? Та сега да се страшам од помислата, дали да слезам или не? А и темницата беше капак. Со која светлина сега да слезам? Зошто проклетството падна врз мене? Туку, Господ не рекол туку така:

-Дадено ти е, оти можеш да издржеш чедо!

Но, за така да е, јас не чувствувам. Душава се треси и трепери. Како да слезам?

Ами, дури да си ја довршам мислата, нешто ме поттурна. Чувството не се опишува! Како и да запишам не ќе биде правото и вистинското. Патем, ме стегна срцево, а на секунда и откажа. Оф Боже, си реков, земај ме сега или некогаш во далечина од времето. Си мислев дека е крај, ама не било.

Туку, мили мои, оставив недокажано. Така, како што паѓав, не гледав темнина, за чудо на светов, гледав мали пиленца, со мали очиња, очиња како дијаманти. Пердувите, тоа не беа пердуви, ами како да беа мрежесто свиленкасти лисја. Човек да се изначуди. И да ви кажам друго, ако толку мали, нивниот поглед ме зашемети од духовна топлина и мир, небаре и јас постанав пиле. И така, продолжив да паѓам, ама тоа веќе не беше паѓање туку како лебдење. Си замислувате ли?

Се прашувате што се случи. Паднав, тоа се случи. Стигнав на дното. Како за по чудо, не се плашев. Што да ви кажам побрзо. Бунар како бунар, тркалезен, од секаде заграден, ама овој не беше таков.

Стоев така некое време и како одеднаш слушам гласови:

-Ајде, дојди, влези! Ајде! Дојди!

Каде да одам, луѓе златни, си реков. Одговор на тоа прашање веднаш добив. Пред мене се отвори еден влез, како од тунел. Се скаменив. Телово не ми се помрднуваше. Помина некое време дури да се соземам. Гласовите повторно ме повикаа:

-Ајде дојди, не чекај! Влези!

Се погледнав нагоре, од сите страни темнина. Се запрашав, какво фајде ќе имам ако не продолжам? Луѓето како велат: Угоре високо, удолу длабоко.

И така, тргнав. Одев така, и кога направив неколку чекори, нешто ме фати за рака. Вртење, и што да видам, едно мало детенце, како ангел да беше, ама дали беше живо или дух беше, тоа не знам. Како во транс да бев, затоа со сигурност не можам да кажам. Детенцето ништо не проговори. Ме тргаше да одам по него.

Одевме така некое време и стигнавме пред една порта. Многу чудна порта ќе да беше, целата од злато. Многу гледање ѝ сторив. Ќе ви кажам нешто, ама да ви докажам не знам, оти толку писмен за тие работи не сум. На портата, видов, имаше некое писмо, како некои хиероглифи, та за толкување беше тешко. Што значеше Господ знае.

На портата стоеја двајца стражари, облечени во бели униформи и држеа копја. Од толку што им беа бели, дури им блештеа. Не проговорија ни збор. Ај, мајко мила, си реков, оти не ми проговорат нешто, да ми кажат барем каде ме водат.

Ја отворија портата. Верувале или не, кога ќе видам што ќе видам, како рајската градина да ја гледам. Друг да ми кажуваше за ова и да се колнеше немаше да му верувам.

Ќе да е можно или не? Та јас паднав в бунар, длабоко под земја треба да сум, а не на небо!

И да ви кажам. Јас од толку маки што сум видел во животот, за друго и не знам. Та во еден момент си се запрашав: А бре, јас умрен да не сум? Мислев, мислев и викнав:

-Не сум, како сум можел да бидам, скраја да е!

И на сред мисла пак ме прекина гласот:

-Ти, човече, што стоиш таму, приближи се!

Детенцето ангелче, така си го нареков, го тргна своето раче, нежно ме погледна, и ми рече:

-Ајде, оди!

Пред мене, луѓе златни, божја убавина. Дотогаш не сум видел таква. Сте го замислувале ли рајот? Кој не го замислувал. Е, токму така и изгледаше. Оф, Боже, си реков, што направив во животот, та за моиве очи да видат ваква убавина.

Прво што ми падна на памет, беше да викнам:

-Кој ме вика? Кој си ти? Каде да одам?

Дури да трепнам, се распостели една патека, да ја наречам патека од светлина. Нозеве ми газеа по таа патека, патека што свети. Какви чудесии сe ќе видам, си реков. И кроце по кроце, чекорев. Околу мене сe беше од убаво, поубаво. Сакам сe да кажам ама не се докажува. Душава моја се чувствуваше исто како да си го нашла домот. Стравот одамна исчезна.

Што место ќе беше ова, си реков, душава ќе ми излези од толку што се радува!

Јас од толку занес, не видов што има пред мене. Тоа беше едно големо здание, личеше како манастир ама, монаси, луѓе немаше. Поточно кажано, жива душа немаше. Таман што се спремив да влезам, некој проговори:

-Човече, пред да влезеш собуј ги чевлите, така во божја куќа не се влегува!

Во секунда застанав. Ги собув чевлите, се поднаместив, та до тогаш не се ни сетив како изгледам. Си ја стросав разбушавената коса и алиштето што го носев и така влегов. Откако влегов, дури тогаш дознав дека сум влегол во божја куќа. Внатре беше право светилиште. Јас сум одел по цркви и манастири, ама вакво нешто не сум видел. Сe што беше внатре беше совршено. Се гледаше дека од човечка рака не е фатено. Само Господ може да направи такви чудесија. Во средината имаше олтар. И погледот право ми отиде кон еден раскошен стол на кој седеше еден старец. Лицето му беше многу сериозно. Само што го видов, ми се пресекоа нозете и паднав ничкум на колена.

-Човече, ти за што дојде овде? Што мака имаш? Секој овде не доаѓа - старецот проговори.

-Пред да ти одговорам, да те прашам. Ти, божји човек си, нели? Да те викам така, ќе може? - прашав уплашено.

-Нема да ти кажам кој сум. Човек не сум, ама ај, по желба нека ти е, викај ме така.

-Та, јас не дојдов по моја волја, божји човеку. Стоев замислен покрај бунарот и едно време нешто ме турна... и...

-Знам за тоа како дојде, ама, туку така овде не се доаѓа. Кажи што имаш за кажување.

Старецот ме стави во мисла. Е, зошто дојдов? ...и самиот не знам.

-Душата ти знае човече, ако ти не знаеш. Таа бараше тука да дојдеш. Да те запрашам чедо. Ти, многу гревови имаш направено? Кажи!

-Ами... немам многу, божји човеку. На никого лошо не сум му мислел, сè арно. Кој да ме викнел на помош, сум му помагал. Барем јас така тумачам, а дали сум во право, ти кажи. Та штом ме прашуваш изгледа и знаеш.

-Во право си за тоа дека знам, ама во криво си за тоа дека немаш многу гревови. Слушни ме, нешто да ти кажам. Сите луѓе истото го кажуваат, не само ти, иако овде многумина не дошле.

-Та кои се тие толку многу гревови, божји човеку? Јас само добро правам, а другите со зло ми враќаат. Па, и така не може вечно, и јас сум гревота. И јас сакам некој добрина да ми стори. Та дури трпев, трпев, па повеќе не се трпи. Едно време многу верував во добрина, ама сe било попусто. А бре, јас сум само човек, не сум како тебе, светец!

-Човече, знам што говориш. Лоша душа немаш. Не си оставил ѓаволот да ти ја затруе душата, и затоа си тука. Не си тука без причина. Туку, да те прашам друго. Ти, му се молиш на Бога? Бараш ли помош од Него? Му веруваш ли?

-Се молам, божји човеку, како не. И, за верување... верувам.

-Сигурен си за ова што го кажуаваш? Да не те копка нешто во душата?

-Ами...

Та тогаш, луѓе златни, сакав да кажам ама, во грлото грутка како да имав. Не помина многу време, кога се фрлив во плачење. Липав како мало дете.

-Ах, божји човеку, кај се видело обичен човек да се прави светец! Та инает ме фаќа! Зарем само јас да трпам и да си ставам на душа и срцето да ме боли. Ај, кажи, не сум во право?

-Вака како што велиш, во право си, не велам не, ама, зошто човече секогаш по патот одиш сам? Зарем Божји Син не слезе од небото за да ти помогне? Ти, сакаш храбар да си, што е добро, ама, толкав товар сам не се носи!

-Еее, божји човеку, јас најдобро си знам. Затоа решив, повеќе толку добрини да не правам, барем да не ми бидe криво. Што ќе беше ова, само лошотија меѓу луѓево.

-И, човече, подобро ти е сега, без правење добрини? - старецот ме праша љубопитно.

-Ах, што зборувам напразно? Кого лажам? Јас можам да си се залажувам ама тебе не можам! Јас не сум бил роден за да бидам лошотија. Душава не ми дава да правам лошо.

-Е, тоа сакав да го слушнам. Многу ме израдува. Малкумина се како тебе. И затоа те доведов овде. Слушни ме сега што ќе ти кажам. Не плачи повеќе. Гледам тагата и гневот ти ја покриле светлината во душата. Затоа, од сега па натаму, душата твоја ќе свети како никогаш до сега, ќе правиш добрини и ќе го сакаш твоето постоење. Она што ти е тежина препушти ми ја мене, јас ќе ја носам за тебе, но важно е да не заборавиш дека живееш за добрината и правината.

И токму на зборот, товарот од душата ми падна. Па така, почнав да се поклонувам. Направив многу поклонувања. На поклонување нешто помина покрај мене. Што е ова мрачилиште што ме обвива, си реков. Што се случува? Кога гледам, црни сенки се движат околу мене. Почнав да викам:

-Господе помагај!

И старецот проговори:

-Ах, луѓе слабоверни! Човече, што ти реков пред малку. Зарем сѐ уште не ми веруваш?

Во тој момент старецот стана од својот стол и ме допре на рамото. Сенките сѐ уште се движеа околу. Кога ме допре повторно, го почувствував тој внатрешен мир.

-Човече, зошто се плашиш? Гледаш дека не ни прават ништо. Да знаеш дека ова се лошите души кои талкаат и влегуваат во луѓето, па затоа и луѓето се лоши. Не дозволувај да влезат и во тебе. Тоа е возможно само ако веруваш во мене, бидејќи доброто е секогаш посилно од злото.

Кога ги изговори тие зборови, добив толкава сила што не знаев што да правам, но решив. Застанав цврсто на нозе и реков:

-Верувам во Тебе!

Сенките исчезнаа... а до мене, луѓе златни, се појави еден ангел. Па потоа уште еден, и уште еден и така се појавија безброј ангели. Дури и ушиве како да почнаа да слушаат некаква музика. Од толкава возбуда, не знам зошто, почнав да ја кажувам молитвата. Кажував, кажував, и кога стигнав при крај очиве ми се затворија.



И замислете, кога ги отворив очите, не бев на некое друго место, туку покрај бунарот... Сонцето веќе изгреваше, осветлуваше сѐ одоколу. Се погледнав во бунарот... беше полн... а во водата... во водата се отсликуваше мојот одраз, кој на изглед ист, но во душата многу поразличен.






Автор: Елена Ѓорѓиевска-Костадиновиќ

Збирка раскази „Бунар“ (2014)




8 views

Recent Posts

See All
bottom of page